Школа за Применета Спиритуалност – НЕКСУС

Дефиниран систем на класификација на животни енергии (записи пронајдени во јапонската литература)

life energies
Дефиниран систем на класификација на животни енергии
(записи пронајдени во јапонската литература)

 

Енергијата наречена Reiki

 

               Барајќи вистини и факти за Усуи Сенсеј и создавањето на Usui Reiki Ryoho, Walter Lubeck пронашол стари јапонски записи кои зборуваат за постоење на дефиниран систем на енергии кои ни го даваат и одржуваат животот во нас. Денес, овој запис го имаме преведено и на македонски јазик со цел да може вистината за Reiki енергијата повторно да дојде на светлина.
               Приказната за еволуција на животните енергии и човекот како свесно битие започнува со претставување на првата енергија која се нарекува:
                  1) Kekki – ова е онаа енергија (дел од целокупната енергија од којашто е изграден нашиот Универзум) којашто може да се нарече дека е виталната сила на секое живо битие. Овој тип енергија ги обезбедува потребните хранливи материи во телото.
               Kekе -дел од јапонскиот збор Ketsu којшто значи крв и во буквална смисла би се превело како енергија на крвта. Kekki се создава секогаш кога ние од нешто ќе бидеме нахранети, било со физичка храна, било спиритуално со нечие присуство или зборови. Kekki е најосновниот вид на енергија којашто постои пред какво било моделирање на нештото. Таа доаѓа пред формата и структурата. Уште е позната и како прана, енергија на самата Мајка Природа којашто ни дава живот на оваа планета Земја. Но, бидејќи Kekki постои во етеричка состојба, нејзе ѝ е потребна структура преку којашто таа би се изразила себеси и би можела да ја исполни својата улога. Kekki е како глината, без неа не може да постои циглата без којашто не може да постои зградата, а без којашто нема каде да живее човекот. Но, сама по себе, глината е безвредна и за ништо не ни служи ако не ѝ дадеме форма (цигла). Затоа еволуцијата на енергијата нѐ носи кон:
               2) Shiokeова е оној вид на Ки (збор којшто значи енергија на јапонски јазик) којашто овозможува Kekki да се структурира во точно определена форма и да ја искаже својата функција.
               Вака структурирана Kekki, сега може слободно да го продолжи своето постоење без да се плаши дека ќе исчезне и при најмал напор од страна на нејзиниот сопственик. И сега Kekki може да си постои во нејзиното превозно средство долго време, бидејќи оваа нејзина структура е доволно голема и внатре има простор за Kekki да се умножи и има многу од себе. Затоа и, многу соодветно, Shioke во превод значи енергија на солта, на минералите, а минералите се првата, чиста форма на светлината на оваа планета, тие се првата структура. Преку Shiokе, Kekki може и си ја исполнува својата цел, но сега Shioke мора да го презентира своето постоење. Според фактот дека една енергија го пројавува своето постоење единствено преку интеракција со друга енергија, т.е. само кога една форма ќе дојде во контакт со друга форма, ќе ги видиме и почувствуваме енергиите од коишто се составени и двете форми, значи дека Shioke мора да се сретне со една друга енергија којашто се вика:
               3) Mizuke – ова е енергијата којашто е одговорна за комуникација и којашто овозможува две или повеќе нешта заемно да имаат некој вид корелација.
               Оваа енергија е делот од целокупната Универзумска енергија којашто го овозможува секој вид на поврзување и меѓусебна комуникација меѓу било што, на кое било ниво и со оваа енергија се надминува чувството на разделеност.
               Mizuke во превод значи енергија на водата. Ако овој превод го земеме во рамки на човечкото тело, Мizuke како елемент вода во нас, всушност е енергијата од којашто се создадени емоциите. И токму затоа, Mizuke е движечката сила на секоја партнерска врска и е енергијата од којашто се создаваат сите емоционални шеми на однесување. Ако резимираме, досега знаеме дека Универзумската енергија прво се пројавува како витална сила којашто дава живот, но неа мора преку нешто да ја внесуваме во нашиот организам и затоа се создава вториот вид енергија којашто ѝ дава видлива форма на првиот вид и таа форма сега станува видлива преку интеракција со другите наши клетки и молекули и енергии коишто ние ги нарекуваме емоции. Е сега, за да можат овие емоции да не бидат препрека за нашиот раст и развој, туку да служат како поддршка на системот и да нѐ водат во искуства коишто се битни и позитивни, истите треба да бидат прецизно и правилно насочувани. Ова насочување на емоциите ни го нуди четвртиот вид на енергија:
               4) Kuki – енергијата којашто ги води и контролира нашите емоции кон реакции и оформување врски и контакти со други луѓе кои се здрави за нас и нѐ водат кон спиритуален раст и развој.
               Ова е енергијата којашто ни помага да воспоставиме здрави граници на нашата личност и карактер, да се отвориме кон другите луѓе и околината на позитивен начин којшто ќе придонесе за наша среќа, а не несреќа. Ова е енергијата со којашто го оформуваме нашиот карактер.
               Буквално преведена на јапонски јазик, Kuki значи енергија на воздухот. Тоа ни кажува дека под контрола на оваа енергија е елементот воздух. Kuki е енергија којашто е самостојна и себесвесна. Енергија којашто може да се почувствува како функционира. Метафорично, метафизички, ова е енергија на себеконтрола, момент кога сме веќе свесни дека постоиме и го контролираме ова наше постоење, преку внесувањето воздух во себе. Себесвесна и себедоволна во смисла дека колку воздух му внесеме на телото, толку тоа и ќе живееме и од овој момент ние почнуваме да се разликуваме од другите околу нас. Со оваа енергија го започнуваме процесот на себеиндивидуализација. Но, како што постануваме комплетни индивидуи, почнуваме да имаме потреба од нова енергија, сила којашто ќе ни помогне да си ги исполниме вистинските и возвишените цели на оваа наша индивидуалност. Оваа потреба упатува на пронаоѓање ритам на постоење при којшто, ние и самите со себеси и во однос со другиот жив свет околу нас, ќе научиме да танцуваме во хармонија и во позитивен еволутивен раст, без да си одмагаме било на себе, било на некој друг. Оваа нова сила е:
               5) Denki – енергијата којашто е одговорна да воспоставиме здрав и правилен контакт со нашето его и да растеме на начин којшто е обѕирен и со почит кон другите околу нас.
               Ова е енергија на громот. Громот својот пандан во човековото тело го има преку стресот. Знаете како се чувствуваме кога ќе слушнеме или видиме како некаде удира гром, се потресуваме и сме под акутен стрес додека да престане настанот. Во животот на еден човек, стресот добиен од надвор, од Бога, е позитивен настан. Луѓето имаат обичај да не послушаат што има нивната Душа да им каже, па најчесто им треба шок, помал или поголем, којшто ќе ги „извади од чевли“. Само ваквиот тип на стрес може да направи да луѓето се разбудат од комфорниот маѓепсан круг во којшто влегле и да ги катапултира на друга лента од нивниот живот. Стресот и шокот во животот на еден човек се “wake up call“. Но, знајте дека ова стресно будење не е казна, туку едноставно веќе нема друг начин за будење.
               Затоа, овој вид енергија се создава внатре во нас, во моментот кога ќе сфатиме дека мора да се разбудиме и конечно да почнеме спиритуално да растеме и да престанеме да се повредуваме себеси и другите околу нас. Бидејќи Denki се создава исклучиво преку шок или јак стрес, ова е таа енергија којашто по ваква стресна состојба нѐ прави посилни во карактерот и ни ја зголемува нашата желба за сочувување на нашиот живот од една страна и животите на другите, од друга страна. Ова е енергија на конечна недискриминација и чекор понапред кон Единство на сѐ со сите и на Едното Цело.
               Е сега, откако се разбудивме од шокот и тргнавме по некој пат, се јавува можност да се загубиме. Да се загубиме себеси, во смисла на тоа да се претопиме со колективот и да не се издвојуваме со ништо посебно како индивидуа. И за да не се случи ова, напомош ни доаѓа:
               6) Jiki – енергијата којашто ни помага да го пронајдеме точно тоа коешто ни е потребно за секоја ситуација и којашто не остава простор за формирање “shadow self“, туку поттикнува на целосно спознавање и изразување на себеси. И сега кога сме се спознале себеси и сме увиделе кои ни се слабостите, можеме да се оспособиме за да ги контролираме, со што комплетно и целосно би се насочиле кон пројавување и зголемување на нашите позитивни способности и доблести.
               Jiki значи магнетна сила, сила на привлекување. Оваа магнетна сила во нас се јавува во моментот кога комплетно ќе се прифатиме себеси и свесно ќе одбереме свој Пат на спиритуален раст и развој. Оваа енергија ни помага да постанеме одговорни за секоја наша одлука со што стануваме кокреатори на сопствената судбина. Jiki e енергијата којашто ни помага да го привлечеме точно тоа коешто ни треба, во секој момент.
               За да може овие шест видови енергии да бидат соодветно координирани и во хармонија  една со друга, при што би произвеле резултат којшто го поддржува целиот животен процес и на човекот и на сѐ што постои, мора да постои сила (енергија) којашто ќе ги контролира сите овие шест процеси и енергии на нивно највисоко ниво. Енергијата којашто ја има оваа фрекфенција и е носител на оваа карактеристика е:
               7) Reiki –енергијата којашто е одговорна за организирање и контрола на правилна и координирана употреба на сите потсистеми и форми на енергии во еден организам.
               Овде буквалниот превод би бил сила на Душата или моќ на Спиритот. И токму со овој квалитет, животната сила на оваа планета Земја е најблиску до боженствената креативна сила, до изворот на сѐ што постои. Reiki поврзува без да обрврзува; стимулира без да преактивира; разделува без да изолира; смирува без грубост; го насочува нашето внимание кон љубовта и кон животот; создава чистина на умот без изолирање на мислите; ги буди и поддржува сите наши заспани потенцијали, таленти и способности. И да, ова е апсолутно точно. Reiki како енергија навистина го прави сево ова, само ако ѝ дадеме шанса да го направи. И токму поради ова, Reiki е енергијата којашто е задолжена за исцеление, чистење и детокс на организмот. Го чисти и воедно го осветлува нашиот Пат кон правилен спиритуален раст и развој.
               Во овие записи коишто сега ги разгледуваме постои и осма енергија, Боженствената, којашто се нарекува Shinki. Ова е енергијата од којашто сѐ е создадено и во којашто сѐ се враќа.
Во Shinki се враќаме Дома преку Reiki.
*Изводок од прирачникот “Реики, Усуи Сенсеи и Спиритуалните Учители“ од Данче Велов
©copyright 2022

Споделете со вашите пријатели