Школа за Применета Спиритуалност – НЕКСУС

Книги

Прирачник
за сите оние кои ќе посакаат да постанат вистински исцелители и практиканти на техниката како што Усуи Сенсеј ја осмисли

Знаења, размисли и факти за

Реики, Усуи Сенсеј и Спиритуалните Учители

Школата за Применета Спиритуалност и јас како писател и Спиритуален Учител ја имаме честа да ви ја претставиме нашата прва книга/прирачник/учебник! Се радувам за ова мое дело и се надевам дека и вам ќе ви донесе мудрост и многу мали и големи осветленија како што и јас ги спознавав одејќи по Патот на Светлината и Реики енергијата. Ова е прирачник прв од својот вид на македонски јазик. Досега нема ниту преведено, ниту напишано било каква книга за Реики техниките, спиритуално-енергетските начини на исцеление, за Усуи Сенсеј или пак Спиритуалните Учители во Македонија. Овој прирачник го напишав за потребите на моите сегашни и идни ученици, за сите ученици и учители во Школата, како и за секој кој сака да ја спознае вистината за Микао Усуи Сенсеј и вистинската суштина на неговото Учење и техника. Во прирачников, во вид на разговор, преку прашања и одговори, се разгледуваат многу спиритуални концепти, термини, правила, како и моралните и етички норми и принципи на работа на “спиритуалисти“ и на спиритуални учители на територијата на нашава држава. Фокусот на моите размисли остана во рамките на Македонија и она што тука се прави, се нуди и продава како спиритуализам и реики техника.

Како практикант на Реики техниката и канал на Светлината наменета за исцеление, сметам дека моја должност е да го поправам сето она кое е погрешно, неточно или само половично точно и да се обидам да ја кажам вистината во име на Усуи Сенсеј, на Хајаши Сенсеј и на сите оние вистински Реики Учители кои долги години ги бараа вистинските информации за овој систем на исцеление и неговиот основач. Чувствувам одговорност пред сите сегашни и идни практичари на Реики техниката дека треба да ја знаат вистината за она што го практикуваат или планираат да го праактикуваат и кон оние кои би сакале да се исцелуваат преку Реики третмани и Реики енергија за да знаат каде бараат помош.

Мојата намера е да ви дадам средство за споредба за да знаете како да изберете и за да разберете со што тоа се бавите, што практикувате и со што се исцелувате

Суштината на воспоставување на систем за спиритуално образование е да им се даде можност на луѓето да разберат дека има огромна разлика во “помодарски спиритуализам“ и постанување на спиритуална личност по правилен и светол спиритуален пат. Затоа и во книгата/прирачник ќе сретнете многу длабоки и сеопфатни објаснувања за најчесто, лаички и површно користената спиритуална терминологија со која во денешно време се разфрлаат сите кои ги следат помодарските спиритуални забавни пополнувања на своето слободно време. И мислам дека ваква книга мораше да се случи бидејќи македонските “реикисти“ отидоа предалеку во слободата и непреземање никаква одговорност при делењето на сертификати како пржени крофни на панаѓур. Затоа целата Школа, прирачников, блоговите, идните мои книги и предавања ќе бидат насочени кон спиритуално образование и применета спиритуалност која толку многу им треба на луѓето на нашиве територии. Ние сме држава во која спиритуализамот не е табу, но не се среќни кога за тоа се зборува. И поради прикриената одбивност, многу ретко кој има можност или пак средства да се едуцира во оваа многу потребна област од животот на секој човек. Спиритуализамот е над секоја религија, но не е повисоко од Елохим, од Бога, од Креаторите наши.

Спиритуализам е кога човек сам, практично и применето ќе си види за себе дали има нешто повеќе, нешто поголемо од него/нејзе или нема. Спиритуализам е кога секој човек си мисли со своја глава, сам за себе и дозволува и секој друг да си има свои сопствени спознанија и да си мисли со своја глава. Религија е кога некој друг ти кажува што да мислиш и во што да веруваш и нема простор за преиспитување. Затоа и основната разлика помеѓу спиритуализам и религија е слободата на сопствено мистично искуство и вистината која сам си ја доживеал.

Друго нешто кое ќе го објансам во прирачников е зошто Usui Reiki Ryoho-систем не смее да се зема здраво за готово и дека Usui Reiki Ryoho е начин, уметност на живеење. Usui Reiki Ryoho е начин на размислување и живеење којшто не е религиозен, но е длабоко спиритуален и многу логичен, поврзан со еден свет во којшто треба да веруваме ако веќе бараме помош од ваков вид. Морам да пробам да им покажам на луѓето дека не може да си играат ниту со спиритуалното, ниту со Реики-техниките. Мора да се сфати дека Реики е многу повеќе од диплома. И дека секоја работа со енергија е сериозна и си има посебни учебници, школи, учители и да, чини многу пари и време и патување и учење, но и свои последици ако сево ова не се направи.
Реики е мојот живот и секој треба да живее Реики ако сака себеси да си даде етикета дека е Реики-Учител, Исцелител или Shihan.

Ние се просветлуваме исклучиво одејќи напред кон Светлината. Друг пат нема. И ова наше спиритуално патување се случува паралелно и симултано со нашето земно постоење и не можеме овие два процеса да ги одделиме и изолирано да ги живееме. А тоа значи дека се освестуваме и осветлуваме додека работиме, учиме, шетаме, плаќаме сметки, ги воспитуваме нашите деца, додека живеете во спокој со партнерот на нашата Душа. Немојте да мислите дека треба да престанете да живеете земен живот за да постигнете нешто спиритуално. Спиритуалното неможе да го подвоите од земното, ниту пак, да станете спиритуалисти без да сте човечни луѓе.

Овој мал прирачник, без разлика до колку луѓе ќе дојде, е само почетокот на мојата борба против спиритуалната игнорантност во нашава земја. И ќе направам сѐ што е во моја моќ да ја донесам Светлината овде.

Почитувани пријатели на Реики енергијата и на Светлината!
Прирачникот “Реики, Усуи Сенсеј и Спиритуалните Учители“ можете да го набавите на следниов начин:
Нека Светлината и Љубовта ги водат срцата и разумот на сите кои сакаат да постанат вистински луѓе!