Школа за Применета Спиритуалност – НЕКСУС

Популарни квази-психолошки книги и зошто не делуваат

top-view-books-arrangement

ПОПУЛАРНИ КВАЗИ-ПСИХОЛОШКИ КНИГИ И ЗОШТО НЕ ДЕЛУВААТ

 

Што е “популарна психологија“?
               Кога во денешно “модерно“ време кога ќе влеземе во книжара има еден дел кој вели “популарна психологија“. И како лаик за психологија ќе ги купите достапните преводи и ќе почнете да читате и можеби и ќе ви стане подобро… Можеби и ќе почнете да се чувствувате подобро во сопствена кожа, ќе се мотивирате, ќе почнете да си зборите позитивни, охрабрувачки афирмации и ќе си се смешкате. Па и зошто да не?
               Да не се разбереме погрешно, нема ништо лошо во тоа да се чувствувате убаво, лошото е што тоа “убаво“ не е правилно и кратко трае и потоа имате потреба од нова книга, од поткасти, од претплати на скапи семинари и предавања на тие познати “психолози“ кои толку убаво ви зборуваа првиот пат. Како само ве погодија со тие 12 правила или 5-те начини за среќен живот или пак тие 110-те афирмации, “а бе ептен како за мене пишувани“, нели! Па да, и за вас беа пишувани ама не поради причината за која вие мислите, туку за малку (или малку повеќе) посебични причини.
               Зарем не мислите дека ако постоеа 10, или 12 или 100 правила за среќа и успех немаше до сега сите луѓе да ги знааат? Ние сме на планетава околу 60-тина илјада години, 8 милјарди луѓе, 10 правила за среќа…едноставна математика, колку мислите дека ќе им требаше на сите луѓе на планетава да ги дознаат и да се среќни, бидејќи зборуваме за бестселери, така!? Е сега се наметнува прашањето, па зошто не се? Зошто сите луѓе кои ги читаат истите книги не се среќни, успешни, здрави, со среќни бракови? Па колку и да е грешка во превод, ако беа вистински книгите и ако нудеа вистински “медитативни“ практики кои ќе ве одведеа до суштината на проблемот за вашата почетна несреќа, поради која и сте ја купиле книгата, зарем немаше нешто, барем малку да ви е подобро, на подолго време?
               Не ви е добро драги мои луѓе, оти тоа не се вистински зборови, не тие зборови немаат душа и немаат длабочина и не се вистинска психологија, ниту пак водат кон некаков спиритуализам.
               И така читајќи ги книгите наредени во редот на “популарна психологија“ (што за волја на вистина насловот е таман погоден, авторите навистина манипулираат со човековата психа, по која логика се и психолошки) во кои најчесто нема ништо терапевтски, нема ништо кое го решава или ви помага сами да си го решите коренскиот проблем на вашиот несреќен земен и спиритуален живот, ќе добиете само еден “почетнички ентузијазам“, како кај човек кој прв пак влегува во казино и добива, а незнае дека “куќата“ никогаш не губи.
               Но, понекогаш ќе имате среќа и помеѓу тие книги случајно, поради непознавањето и нечитањето на книгите кои ги продаваат во сопствените книжари, вработените ќе сместат преводи од вистински постоечки или починати, еминентни психијатри и психотерапевти. Ох, каква среќа за вас! Ете книги кои конечно ќе можат да ви помогнат, кои ќе ве натераат дури и да размислувате! Така е! Само книга која ќе ве натера да размислувате е книга вредна да се купи и да се имплементира во сопствениот живот. Но, кога повторно ќе се вратите во книжарата најчесто нема да знаат да ви дадат таква слична книга, бидејќи и тие самите, како и вие, не се образувале ниту за писателот, кој е што е, што има учено, завршено, ниту пак посветувале дома време малку да истражат за делото или писателот што го продаваат.
               И така, за жал, добрите психотерапевтски книги завршуваат на полиците на “популарна психологија“ правејќи ја оваа квази-психологија “вистинска“, до моментот додека не поминат години и не го освестите фактот дека имате само еден куп “модерни“, целосно неапликативни книги за македонската жена и македонскиот брак и вработување, во држава во која медитацијата и работата на себе се сеуште или табу или театрална фарса, оти сеуште во себе неможеш да влезеш со покажување на партиска книшка или купче пари (за жал мора сам да се изеволуираш).
               Генерацијата која читаа книги, вистински печатени книги полека изумира…читателите кои сепак наоѓаат книги да ги симнат од интернет, да ги купат или нарачаат се многу малку…новите генерации не знаат правилно да зборуваат, а камоли да читаат…
               Книжарите продаваат квази-психолошки книги, оти биле бест-селери…кавзи-писмените госпожи и господа ги купуваат оти книжарата така вели… полу-писмени богати деца кои имаат пари да издадат и промовираат куцани зборови залепени заедно (несакам да го навредам зборот “книга“), кои не виделе страдание во животот продаваат приказна за како да се вработиш во најдобрата фирма после факултет…ухранети и чувани дами зборуваат колку е лесно да си среќен, на читачка публика во Р.Македонија која е желна да изгледа “богато и западњачки“ со македонски пасош и плата. Можеби оние во влада, ама они не ни читаат книги…од повеќе причини.
               Поентата на овој блог е наместо да висите на социјалните мрежи, видете кој “автор“ планирате да го читате, дали е вистински автор, дали навистина сака да помогне со своите дела, дали имате заедничка основа за работа или е губење на време и пари.
               И не, не е точна реченицата дека не постои глупава книга. Верувајте ми  постојат. Немојте да си ги трошите парите на приказни за добра ноќ ако планирате да работите на себе и својот спиритуален, ментален, емоционален раст и развој.
               Животот навистина може да е убав и розов, ама штом барате книги за себепомош, да не се лажеме, во моментов и не ви е баш убав и розов и затоа не губете време на измислување топла вода од некого кој нема поим низ што поминувате и кој не е роден во трето-разредна држава. Бидете реални и прочитајте за и соочете се со вашиот живот каков ви е тука и сега, во моментов, и можеби и ќе си го најдите лекот… ако навистина си ги видите проблемот, без залажување.
Намасте,
Данче Велов

Споделете со вашите пријатели