Сосем е природно луѓето да сакаат да знаат што ќе добијат со нивното доаѓање за да се исцелат со Реики-енергија. Најчесто клиентите доаѓаат со секакви прашања, неинформирани што е тоа исцеление и што е исцеление со Реики енергија. И најчесто бараат предвидување на иднината или промена на минатото. Но исцелителот само исцелува, телесно, ментално, емоционално и спиритуално, не го поправа Божјиот план или пак твојот план за тебе. И со секое нивно барање и со секое објаснување на добриот практикант (оние кои не знаат нема ни што да објаснат) какво е ова исцеление, својата линија на Учители и благослов и од каде и зошто ни доаѓа техникава, нашиот одговор секогаш е ист: „Не знам, ајде да почнеме да работиме, па ќе видиме до каде ти самата/самиот ќе се подигнеш и што ќе постигнеш додека Реики енергијата се пробива низ и околу тебе.“
Знајте дека никој на Небесата нема проблем со тоа вие да сте среќни, спокојни и здрави, богати, па затоа и Реики никогаш нема никаков проблем за да ве исцели. Најчесто ние самите имаме проблем со себеси и затоа нашето исцеление навистина знае да оди побавно или воопшто и да не се случи. Луѓето имаат тенденција постојано да се саботираат себеси. Постојано преку зборови и дела укажуваат на тоа дека тие подобро знаат колку Бог треба да им дари, колку треба да се здрави и дали треба да се здрави или мора да бидат казнаети оти биле непослушни и да си останат болни. Сами се убедуваат дека можеби и заслужиле ваква судбина или болест. Некако намерно, патолошки, некои луѓе сакаат да си патат и не сакаат да излезат од својот маѓепсан круг на „жалопојки“. Најчесто мислам дека луѓето и не знаат што да прават без проблеми. Не знаат како среќно да живеат без драми, без болести, без другиот да ти е крив… И верувајте ми, многу луѓе не знаат што да прават со себеси кога ќе постанат среќни. Има толку многу случаи кога од здодевност (навистина оти им е досадно!) самите се повредуваат или се доведуваат до толку комплицирана ситуација или проблем што дури е неверојатно дека некој друг не крив.
Секако дека постојат ситуации кога нашата несреќа, болест, проблем навистина се предизвикани од околината или друга личност. Но, во поголем дел од денот ние сме тие кои од некоја причина донесуваме одлука да сме мазохисти кон сопствената Душа.
Многу од клиентите кои поради незнаење и неразбирање на самите себе бараат спас во спиритуалните методи и техники, бараат од исцелителите најчесто да ги „одблокираат“, бидејќи имале „блокада во втор или четврт центар“. Дијагноза-google и youtube. Ај дијагнозата, ама најстрашното е кога и исцелението од новопечените “исцелители“ во Македонија е од youtube. Ова е тажно, не е ни најмалку смешно. Спиритуалната игнорантност и необразование знае да направи катастрофални грешки, исто како и погрешна дијагноза во медицината. И исто како и во медицината што одредени луѓе си ги земаат дипломите преку непотизам или ги купуваат или пак преку партиска книшка, така се издаваат и сертификати од македонските “спиритуалисти и исцелители“. Затоа внимавајте на кого им дозволувате да ви чепкаат по енергијата ваша и да ви даваат совети за вашето здравје и благосостојба. И убаво е пред да чукнете на било која врата да си поставите неколку прашања согласно со она што го барате за вас. Многумина слепо веруваат на префиксот и презимето на докторот, како тоа е сосема доволно на некого да му го оставиш твоето здравје во раце. Потоа, скоро никој не ги преиспитуваат препораките на луѓето што ги праќаат да отидат кај овој или оној. Никој не прашува дали докторот или исцелителот го имаат вистинското образование за тоа, дали се брзаат да ги прегледаат, дали ги гледаат во очи, дали ги третираат своите пациенти како бубачки. Скоро никој не се прашува себе си дали воопшто му верува на човекот кај кого оди! Ова посебно важи за спиритуалните исцеленија, “видовитите луѓе“, гатачите и бајачите, семинарите, средбите со “спиритуалисти“. Затоа за да ја заштитиме нашата техника и образот на Усуи Сенсеј, јас како Реики терапевт, ве советувам малку повеќе да си го користите сопствениот ум и сопствената способност за расудување кога сте вие самите во прашање.
За да некој посетува Реики терапевт од било кој модалитет не е лошо да си ги поставите и искрено да си одговорите на следниве прашања:
– дали ми треба исцелител, психолог, психотерапевт, психијатар, хомеопат, масажа или доктор?
– дали сум свесна дека имам проблем и дали отприлика знам во која сфера ми е проблемот?
– дали проблемот што го имам може да се реши или барам да се минимизира преку спиритуално-енергетска техника како што е Usui Reiki Ryoho или некој друг модалитет?
– дали знам дека Реики-практикантот или Учител не е психијатар, психолог, психотерапевт, доктор, физиотерапевт, дејтинг-агенција, јасновидец, не гата и не бае, не е life-coach, ниту волшебник?
– дали знам дека иако спиритуалниот учител и практикант на методата ќе работи на мене и со мене, јас сум таа што треба на крајот од денот да си го решам мојот проблем?
– дали сум подготвена да си го променам животот од корен?
– дали знам дека при било кој спиритуално-енергетски третман ќе се работи со Енергии и Сили коишто се невидливи, но чиешто дејствие ќе го почувствувам?
– дали сум подготвена дисциплинирано да работам на себе подолго од една недела, месец, па ако треба и неколку години?
– дали воопшто сакам да се исцелам или само сакам да си се пожалам некому?