Школа за Применета Спиритуалност – НЕКСУС

Кога е СЕГА во сегашноста?

Тиме
есеј #1 – од серија есеи кои го објаснуваат концептот на Yūgen методот на исцеление кој се изучува во Школата за Применета Спиритуалност НЕКСУС

 

Кога е сега во сегашноста?

 

               Мислам дека има премногу книги кои во својот наслов или содржина алудираат и промовираат да се живее во “сегашниот миг“, во “сега“, но при тоа не доволно е објаснето ниту кога е тоа сега, ниту како да се живее и да се постигне сега. Ова секако бара задлабочување во разбирањето на концепт време. Сета потрага да се објасни времето, експлицитно или имплицитно, дали воопшто постои или не, дали важи само во нашата димензија или и на универзумско ниво, како би се објаснило тоа филозофски и психотерапевтски, секако е многу интересна.
               Еден од најглавните поими и концепти кој е во основата и основната разлика на Гешталт психотерапијата од сите други психотерапевтски правци е концептот на тука и сега. И токму за да може да се разбере ова туку и сега, многу е важно да го разбереме просторот и времето. Во овој есеј ќе го разгледам само времето. Колку убаво чудно, да го разгледам времето…
Секогаш кога имаме вакво имплицитен, интуитивен, филозофски концепт, нам прво што ни фалат се средства за разбирање: зборови и свесност.  А за да имаме свесност, треба да имаме и зборови со кои ќе го освестиме постоењето на нешто кое неможе да се ограничи и лимитира. Затоа на почеток не е лошо да го сфатиме значењето на следниве зборови и концепти: 1) време – како генерализирана форма; 2) час – како лимитирано време; 3) момент; 4) времетраење – во смисла на “колку време ти треба за да го направиш ова„.
               Ако ги разбереме овие поделби на времето и ако проучуваме гешталт психотерапија и сакаме да ја разбереме техниката, тогаш време е да се запрашаме каде е тоа тука и кога е сега?
               Кога е сега е доста тешко феноменолошко и филозофско прашање бидејќи сите луѓе во секој момент од својот живот живеат едно лично и многу индивидуално сега. И всушност ако размислиме не постои друго време на телесно постоење освен сега.
               Во минатото т.е. во нашата помината сегашност ние сме и те како реални, сме биле таму и тогаш. Но физички, таму и тогаш повеќе не постоиме, ни останало само сеќавање. Затоа и се вели дека минатите сеќавања се секогаш во сегашно време. Но, за да се освари процесот на повикување одредена меморија, одредено сеќавање нам ни се потребни две времиња, минатото и сегашноста. Во ова сеќавањето се разликува од психоза и делузија. При здраво сеќавање ние го повикуваме моментот од минатото, но знаеме дека физички повеќе не сме таму и тогаш, туку сме тука и сега и не ги доживуваме емоциите со истиот интензитет или воопшто не ги доживуваме. Точно можеме да ја направиме разликата на преживување и присетување на настанот.
               Исто така и антиципирањето за иднината се случува сега. Ние размислуваме за сите идни настани од почетна точка во сегашноста. Всушност понекогаш се чувствуваме дека не сме баш целосно во сегашноста  туку како само половично да постоиме тука и сега. И точно, ние во тој момент постоиме во две сегашности: сегашна сегашност и сегашност која ја искусуваме мислејќи на минатото или на иднината.
               Друго интересно прашање за разгледување е колку долго е сега? Колку долго трае сегашноста? Ако како појдовна точка за сега, го земеме моментот, тогаш сегашноста ни се состои од збир на моменти кои одат секогаш само напред во времето и никогаш не можат да се вратат назад. И затоа нам секогаш ни се чини дека живееме и постоиме само во сегашноста.
               За сево ова кое овде го објаснувам, убаво решение ни дал Husserl (1960, 1989). Тој во своите расправи пробал да го објасни овој парадокс и зборува за троделна сегашност. Имено тој вели дека постои: минато на сегашниот момент (кој сеуште е присутно); моментална сегашност (која веќе одминува) и иднина на сегашниот момент (која исто така е во сегашно време). Всушност и од мојот труд за разбирање на сега во сегашноста и од неговото објаснување можеме да заклучиме дека времето како концепт е всушност еден прекрасен гешталт, сложена целина составена од индивидуални делови.  А сега и сегашниот момент е множество од последователни моменти кои не мора да се лични и субјективно предизвикани, но кои прават одредена кохерентна целина која може да има лична смисла. И овој гешталт на сега е константно променлив и непостојан.
               Парадоксот на сега е дека постои само додека и ние постоиме и неговото времетрање целосно зависи од нашата субјективна свесност.

Споделете со вашите пријатели