поим и концепт: Спиритуалист и Спиритуална личност
Ќе започнеме со фактот дека не секој спиритуалист: го проучува спиритуализамот како филозофија; има свој спиритуален правец; практикува спиритуални техники. Но, секој кој ова вистински и правилно го практикува, може да кажеме дека овде станува збор за човек кој е спиритуалист.
Спиритуална личност и спиритуалист се малку различни нешта.
Спиритуална личност верува во нешто повисоко од нејзе, има свој Бог, Богови, Божици, има свои ритуали со кои ја искажува својата почит кон нив, се повикува на нивната помош и активно комуницира со она во коешто верува дека постои и од кадешто верува дека црпи енергија за своите молитви и барања.
Спиритуалистот на сево ова го додава и фактот дека иако ова го прави, нејзе, на овој стадиум од спиритуалниот свој раст, повеќе не ѝ се потребни религиозни или било какви институционализирани граници и некој да ѝ кажува кој Бог, како треба, да се почитува и дали нештото постои или не.
Спиритуална личност го почитува она што ѝ го кажуваат во нејзиниот спиритуална конгрегација, друштво, религија и таа ги следи тамошните норми и догми, принципи и уверувања, и најчесто не ни има сопствено мислење надвор од границите на спиритуалниот пат кој го почитува. А доколку има, не го искажува поради стравот од екскомуникација и чувството дека повеќе нема да припаѓа и нема да биде почитувана од луѓето на кои со своите способности им служи.
Спиритуалистот ги почитува сите религии и филозофии на живеење, посебно спиритуалниот Пат на кој му припаѓа, но само затоа што таа така сака и одбира. Спиритуалистот не служи никому освен на Богот кој вистински со сите свои сетила го видел и доживеал. И оваа личност може во секое време да излезе од било какво иснституционализирано мислење бидејќи самата, преку способноста на Директно Знаење, знае кој е или кои се нејзиниот Бог. Знае што сака, што ѝ треба и што сака да почитува додека постои и битствува на земјава.
Спиритуалистите имаат свои сопствени правила, ритуали, креда во кои веруваат и кои за нив се Закон. Но не затоа што некој друг им кажал или го прочитале некаде, туку затоа што самите добиле мистично, директно искуство и до таа констатација дошле директно и лично.
Спиритуалната личност има земна власт, спиритуалистот – небесна.
Спиритуалистот знае што знае и не дозволува ниту една црква, конгрегација, секта, култ или филозофија да преземе сопственост над неговото знаење и видениа. Спиритуалистите или се еремити и се сами или имаат свои сопствени школи и филозофско-спиритуални правци.
Е сега, како и сѐ на овој свет, кога на човека ќе му дадеш слава и пари тогаш се покажува неговото вистинско лице, па така и во светот на спиритуалистите има такви кои порано или подоцна ќе почнат да се продаваат себеси или своите способности на најголемата публика. Но има и такви кои никогаш нема да се комерцијализираат и ќе останат да водат свои ученици во она што го знаат и во она што секојдневно, растејќи го дознаваат. Оние кои ќе останат доследни на себеси сепак не значи дека немаат право на соодветен трансфер на енергија за своите услуги. Сепак спиритуалистите имаат исти таленти и способности како и секој добар дрводелец, земјоделец, фудбалер, тенисер и зошто тие би го употребиле својот талент за џабе ако другите си го наплаѓаат своето време (но не и талентот)?
Спиритуалистите не се new-age пропагатори, ниту радикалисти, фанатици, премногу ентузијастични, ниту пак, нихилисти. Тие се реалисти, тоа е што е.
Делувањето и работата на вистинските спиритуалисти е надвор од кои било земни владеења и закони. Секако дека ги почитуваме законите и традициите коишто се применуваат во државата во која живееме, но тие закони не нѐ ограничуваат во нашето постоење и делување. Ова е затоа што способностите и знаењата нивни ја надминуваат границата на видливиот свет и постоењето на спиритуалистот се протега во многу повеќе димензии, временски зони и материја. Па како што и секоја држава си има свој посебен закон, така и секоја димензија од Универзумот си има свои закони, правила и уредување на односите помеѓу битијата кои живеат и постојат во тој дел од просторот и времето. Според ова секој кој е гостин таму подлежи на правилата и законите на димензијата во која делува. Но, за сите спиритуалисти, заедно со овие посебни закони, без разлика во кој домен од реалноста делуваат, нивните мисли, зборови и дела веќе се уредуваат, наградуваат и казнуваат според Универзумските Законите и Принципи.
За Спиритуалистите, целиот Универзумот е училиште, игралиште, Дом.
Секој спиритуалист има сопствена вистина. Некои од нас, ако сме на исто ниво на знаење, искуство и светлина, имаме иста вистина, но ја почитуваме вистината на сите други којашто неминовно еволуира со чекор на нивните сопствени спознанија. Значи, Вистината на Спиритуалистите е истовремено и уникатна, поради начинот на којшто сме дошле до неа и еднаква со сите вистини на оние кои ја слушаат истата песна на Универзумот.
Како што постојат лажни и вистински, себични или не, постојат темни и светли спиритуалисти.
Оние кои одат по Патот на Светлината и се водени од Универзумските Закони/Принципи и се вистински емисари на Елохим, на Бога, доброчинители, војници на Светлината и исцелители се т.н. светли. Тоа се оние кои со Светлина се борат против Темнината и злобата на луѓето. Можеби се учители, ученици, борци, војници, а можеби и уметници и писатели. Но, сите тие со своите длабоко индивидуални и мистични искуства и знаења активно помагаат на Светлината.
Оние кои се темни – активно ѝ служат на Темнината и на редот на демоните.
Сите спиритуалисти работат константно на себе, учат, делуваат и не се спиритуалисти поради мода и моментални преводи и книжевни изданија.
Затоа и има огромна разлика меѓу модерниве помодарски спиритуалисти кои можеме да ги најдеме по центрите за личен раст и развој или имаат свои “тајни“ цркви, култови, организации, кои по случаен избор купуваат книги за езотерија и окултизам и оние кои се едуцирани во тоа, покрај своите природни дарби, таленти и мета-способности. Знаењето на секој, било светол, било темен, се темели прво на сопствено животно искуство, па потоа преку книги и соодветни школи и одбрани учители – на вербализација на она кое веќе го доживеал и го знае.
Спиритуален Пат е – посебен и индивидуален начин на спознавање на својата вистина. И според мене, сите луѓе би требало да чекорат и да се водат според моралните и етички принципи и кодекси на однесување на некои од спиритуалните правци коишто постојат или да си сочинат свој. И ова е многу подобро и посветло, отколку (доколку не сакаат и не се сложуваат со догмите и учењата што им се нудат) да си ја продаваат слободата на својот Спирит и размислување, под надзор и владеење на националистичка религија којашто зависи од државата во којашто сме родени.
И запомнете – само оној кој лично ја видел Светлината и ја носи во срцето свое, може да работи за Светлината и да постане способен како би можел и другите да ги води по Патот на Светлината.