Во последно време толку многу често слушам дека некој “медитира“ т.е. оди двапати на “групна медитација“ или слуша “водечки медитации“ на youtube што мислам дека е време малку да се позанимаваме со оваа тематика.
Како и многу други спиритуални терминологии кои не се од наше поднебје, помодарскиот спиритуализам во Македонија не ги разбира и не сака да ги разбере. И ова и покрај фактот што се по цел ден на интернет. Целокупно земено, она што во Македонија се нарекува “спиритуализам“ моментално има тренд кој комплетно ја убива убавината на источните религии и филозофии за начинот на постанување и бивање подобар човек.
Во моите досегашни проучувања и лични искуства со уметноста на медитирање и медитативните практики и медитативно живеење, спознав неколку прекрасни книги од мудри Учители кои навистина се потрудиле да ни објаснат (колку што се може со земни зборови) не-земни, спиритуални, мистични искуства. Полека ќе ги обработиме повеќето од нив, но за почеток, за да веднаш ви стане јасно што е медитација и да престанете со игнорантното користење на глаголот медитирам, ќе започнеме со делата и зборовите на Jiddu Krishnamurti.
(оригинал: “Meditations“ – J. Krishnamurti стр.86, превод на македонски јазик Данче Велов;
додатоците во заградите се мои и служат за подобро објаснување на суштината на кажаното)
“Во Индија има различни школи, па и подалеку на исток, каде што се предаваат “методи на медитација“(methods of meditation) – (и ова) навистина е ужасно, (дури одбивно). (Со методи на медитација) значи дека умот механички се тренира; и затоа тој престанува да биде слободен и така не го разбира проблемот (на кој треба да се размислува и за кој треба да се најде решение при медитација).
Кога ние го користиме зборот “медитирање“ (meditation) ние не мислиме на (ова како) нешто кое е пракса. Ние немаме никаков метод. Медитиција значи свесност (awareness): да бидеш свесен за она што (во моментот) го работиш, за што размислуваш, што чувствуваш, свесен без приговор, свесно да набљудуваш, да учиш. Медитација е да бидеме свесни за својата условеност, за тоа како општеството во кое живееме нѐ условува (лимитира), општеството во кое сме пораснати; како сме условувани од религиозната пропаганда – да бидеш свесен (за сево ова, сега и тука) без приговор, без дисторзија, без да посакуваш да беше поинаку.
Од ваква свесност се раѓа внимание(attention), (се раѓа) способноста да се биде целосно внимателен (attentive). И тогаш сме слободни да ги видиме нештата онакви какви што навистина се, без дисторзија. (Само вака), умот не се збунува, туку е чист, способен да чувствува.
И само ваква медитација може да ја донесе карактеристиката на умот – целосна тишина – за која карактеристика можеме да се зборува, но тоа нема да има никаква смисла ако (не сме ја достигнале самите ние), ако не постои во нас.“
Ете драги мои читатели, медитација не е зборувањето на некоја (снимена) трета особа за тоа како вие да се опуштите и да си претставите слика или фантазија во умот. Употребата на мозокот за конструкции кои не ви дошле самите, по боженствена или интуитивна интервенција се вика визуализација и е само една од практиките на проектирање и барање решенија, но не е медитација.
Опуштање и не-мислење на ништо не само што не е медитација, туку е и логички невозможно. Прво не можеш да се опуштиш со пола саат седење и молчење. Така само си се стабилизирал во тука и сега (што и ова незнаеме колку се случило). И логично, еден жив човек неможе, а да не мисли. Зошто Бог му дал мозок? За фалење дека го има? Се додека сме живи нашиот мозок има за задача да ги прибира или одбива мислите во етерот, но секогаш е активен. Секогаш во различни состојби на свесност, но тука е. Кога ќутиме и пробаме да се опуштиме, кога спиеме мозокот магично не ни исчезнува! Тука е цело време и цело време нешто процесира, тоа му е работа како и секој друг орган во нашето тело кој си има свое “зошто“ е тука.
Како што видовте и ќе видите мозокот не се исклучува, туку спонтано се става во состојба на комплетна и целокупна свесност! Медитација е СВЕСНО ПОСТОЕЊЕ во сега и тука, со секоја клетка во вашиот организам и со секој неврон од вашиот мозок. И во еден момент од времето кога ќе се ставиме во една бризина додека возиме на автопатот од нашето секојдневие, е тогаш сме во медитативна состојба.
Медитација е спонтано и природно возење на твојата кола по автопат. Тоа е процесот, движењето кога колата се движи по автопат ставена на темпомат кој одржува една иста брзина. Но исто како и кога возиме, возењето е успешно и ние ќе стигнеме до целта само ако: возачот не заспие на воланот; некој друг не му влезе во лента; не направи директен судир; ги следи знаците на автопатот со шестаесет отворени очи; е свесен и буден; не е под дејство на опијати или алкохол, ајахуаски, психоделици, псилобицин, допинг или ако е нервозен, депресивен, со телефонот во рака.
Знајте дека сѐ што би ве донело до сообраќајна несреќа и до не-пристигнување до целта, тоа исто и никогаш нема да ве донесе до медитација и постигнување на спонтан баланс на свесно и активно живеење.